Online Library TheLib.net » 25-ГОДИНИ НА „СОВРЕМЕНОСТ“
ПО ПОВОД 25-ГОДИШНИНАТА НА „СОВРЕМЕНОСТ“ СЕ ОБЈАВУВААТ ПРИЛОЗИТЕ НА
Г. СТАЛЕВ, А. ШОПОВ, Д. МИТРЕВ, Г. ТОДОРОВСКИ, В. ИЉОСКИ, М. АТАНАСОВСКИ, Б. КОНЕСКИ, Ј. СТРЕЗОВСКИ, Д. НАНЕВСКИ, Л. ЧАЛОВСКА, Б. РИСТОВСКИ, Г. БОЛИНОВСКИ, А. КЛИМАН, И. ЕМИН, М. КИТЕВСКИ, Љ. ТАШКОВСКИ, Л. КАРОВСКИ, А. ПОПОВСКИ, Т. МОМИРОВСКИ, В. ПОДГОРЕЦ, т. ГЕОРГИЕВСКИ, И. ЧАПОВСКИ, П. ШИРИЛОВ, Т. ПЕТРОВСКИ, Ј. АЌИН, Б. СМАЌОСКИ, С. СИМЈАНОВСКИ, С. ЛИМАНИ, Т. САЗДОВ, А. ГАЈТАНИ, М. ДРУГОВАЦ, С. СТОЈЧЕВСКИ, В. ЈАНЕВА — СТОЈАНОВИЌ, К. МАНГОВ, М. ГЕОРГИЕВСКИ, Ј. В. ГЕТЕ, В. АНТИЌ И Ј. ПЛЕВНЕШ.

ПО ПОВОД ЈУБИЛЕЈОТ НА „СОВРЕМЕНОСТ“
Дваесет и пет години континуирано постоење на списанието „Современост“ значи јубилеј на цела една младост: млади беа неговите основачи, први уредници и најголемиот број негови соработници тогаш, во таа 1951 година — инаку година на светска криза, но и година-годишнина на нашето, југословенско социјалистичко самоуправување; уште помлада беше — со своите први обиди за афирмација — и онаа, еднаш наречена ,,средна“ генерација која создаде незаборавни литературни ликови; а година на раѓање им беше на многумина од оние што денеска се афирмираат на страниците на ова списание.
Создадено за да ја пополни онаа празнина што се почувствува со укинувањето на „Нов ден“ — органот на Друштвото на писателите од Македонија — списанието „Современост“ имаше тенденција да ги собере околу себе сите писатели од Македонија. И тоа се реализира. И така беше се до појавата на првите литературни конфронтирања, но и на првите недоразбирања со јавноста.
Постоеше многу нешто што ги конфронтира писателите од Македонија — појава, впрочем, позната и во цела литературна Југославија. Списанието „Современост“ се залагаше во тоа време навистина принципиелно за литература блиска на духот на нашето време, на нашиот човек. Тоа застана уште во почетокот на марксистичко-ленинистички позиции, а на негово чело долго време, до крајот на својот живот, беше критичарот и подоцнешен академик Димитар Митрев, доследен на своите ставови, принципиелен во своите сфаќања, оној „догматичар“ чијашто оцена многумина писатели би
сакале да ја имаат во поткрепа на своето дело.
„Современост“ беше обвинуван за конзерватизам, за гласило на „раскопачениот“ реализам. А всушност, на страниците негови секогаш се гласало за литературата. Тоа го знаеле и оние што најмногу го напаѓале.
Слабости имало, секако. Но, како што веќе сме забележиле по еден друг ваков сличен повод — „Слабите страни и паѓањата во извесни моменти сами сме
ги знаеле подобро од оние што ги барале заради зголемувањето на сопствената тежина“.
Да споменеме овојпат само: јасно е дека добрата литература си нашла своја потврда низ ова наше време. Со тоа мислиме и на добрите страници на списанието „Современост“. Тоа ни го потврдува веќе афирмираната македонска литература и надвор од нашата
земја. „Современост“ има не мал дел во таа афирмација: списанието е присутно денеска во над сто светски
библиотеки, научни институции, литературни здруженија, друштва, сојузи и сл.
Сега, по толку години, кога основните литературни (и нелитературни) несогласици стивнаа (или притивнаа?), а „измите“ сами по себе ја немаат веќе онаа содржина што некогаш им се придаваше — и најчесто по секоја цена да се биде модерен! — се покажа дека
и „пловидбата по мирно море“ може да биде уште како резултатна, макар што некакви исклучиво „мирни пловидби“ не постоеле, ниту можат да постојат. Ниту е пожелно да постојат!
Се чини, во целина, дека денеска сме најасно со многу некогашни конкретни литературни, и воопшто уметнички, дилеми. Останало, навистина, нешто да се влече небарем како носталгија по времето на оние и онакви конфронтирања, па оттука ќе се промолкне и по некое произволно мислење за „умртвеноста на денешните наши списанија“, или по некоја произволна, тенденциозна, необразложена оцена за нив, — но тоа е, веројатно, неминова појава во чии причини не би сакале да навлегуваме. Зашто — за сметка на извесни произволности да се премолчуваат настојувањата за очигледниот југословенски карактер на списанието, свесно да се премолчува марксистичката линија на списанието, да се зборува за отсуство на извесна проблематика (а кога таа е повеќе од евидентно присутна на страниците на „Современост“) —- тоа значи или дека не се следела оваа публикација, или дека не се сакало да се прифати вистината за неа!
Денеска, кога прашањето за поопштествување на сп. „Современост“ е решено најпозитивно, останува една единствена задача: наредните дваесет и пет години, до златниот јубилеј, да најдат адекватен одраз на неговите страници.

На тоа ги задолжува неговите соработници —- сегашни и идни — досегашната традиција.

Георги Сталев,
одг. уредник на „Современост“

Адреса: Списание „Современост"
— Скопје ул. Иво Рибар Лола
б.б. (спроти ф-ка „Алумина"),
пошт. фах 221, телефон 22-505,
чек с/ка бр. 40100-678-1669, годишна претплата изнесува 100
динари, за странство 150 динари.
Редакцијата прима секој ден од
10—12 часот. Ракописите не се
враќаат. Редактирањето на овој
број 9. V. 1976 год. Печатено
во Графичкиот завод „Гоце Делчев“ — Скопје, во месец јуни
1976 год., ео 1330 примероци
Download the book 25-ГОДИНИ НА „СОВРЕМЕНОСТ“ for free or read online
Read Download
Continue reading on any device:
QR code
Last viewed books
Related books
Comments (0)
reload, if the code cannot be seen